Азески е задоволен од економската програма на ВМРО-ДПМНЕ
Стопанската комора денеска побара од економскиот тим на ВМРО-ДПМНЕ и од лидерот на партијата Христијан Мицкоски да ја стави економијата како приоритет во дејствувањето на владата.
Претседателот на стопанската комора Бранко Азески по средбата со економскиот тим на ВМРО-ДПМНЕ рече дека главно она што го слушнале се совпаѓа со барањата на бизнисот, но рече дека овој пат нема да дозволат да бидат излажани од програмите на политичките партии кои се подготвуваат за секои избори и најави мерки кои ќе ги презема ако политичарите незаконски се однесуваат.
– Нашиот став е дека економијата мора да биде приоритет на земјата во следните 10 години. Ние мора да сфатиме дека во наредниот период ако не изградиме општ консензус за правна држава, за почитување на правните механизми, борба против корупцијата, за давање приоритет на економијата, нема да се постигне раст во економијата, бидејќи овие постулати се значајни за тоа – рече претседателот на Стопанската комора – Бранко Азески.
Азески посочи дека бизнисот бара одговор на прашањето за почетната точка на промените и дали ова нема да биде повторување на желботеките на политичарите пред избори.
– Ние како бизнис-заедница сакаме да видиме промени во балансот и комуникацијата. Секое чекање, кај нас чини пари и затоа од каде да почнеме со промените. Сите сме согласни дека тоа е образованието. Почетна точка е колку можеме да потрошиме сега. Бизнисот бара предвидливост и тоа треба да биде основа во комуникацијата – рече Азески.
Азески додаде дека во претходните циклуси биле излажани од политичарите, но овој пат нема да го дозволат тоа.
– Нашите чекори ќе бидат јасни. Секое излегување од договореното ќе потсетуваме. Потоа ќе бараме претседателот да ги потпишува законите еден месец по донесувањето, а не првиот ден. Ќе ги информираме САД за сите чекори кои владата ќе ги презема во незаконска насока. Ќе бараме фискалниот совет да работи како што треба и ќе повикаме меѓународните финансиски институции да преземат мерки. Ние можеме да го преселиме капиталот во секој момент, но сакаме да го правиме тоа за државата. Оваа држава мора да тргне во насоката која ја избравме за да не се срамиме самите себеси – рече Азески.