Аеродромите во Скопје и Охрид со годишен пораст од 41%

ТАВ Македонија бележи силен пораст на бројот на патници за периодот јануари – јуни 2023 година. Имено, 1.338.406 патници патувале преку Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид во првата половина на 2023 година, што претставува годишен пораст од 41%.

Споредено со 2019 година, која што се смета за референтна година во авијацијата, бидејќи беше најсилната година од аспект на патнички сообраќај пред да се случи кризата со ковид-19, ТАВ Македонија има 15% повеќе патници во првата половина од оваа година.

Во однос на бројот на летови за истиот период, и тука двата македонски аеродроми повторно имаат пораст од 23%, или вкупно 10.299 опслужени летови од јануари до јуни 2023 година.

„Со оглед на тоа што летната сезона е во полн ек, и со сумираните бројки за авиосообраќајот за првата половина на 2023 година, или за периодот јануари – јуни, ние како ТАВ со задоволство забележуваме силен позитивен тренд на закрепнување и зголемување на бројките на патници. Не само што продолжува позитивниот тренд од 2022 година, туку истиот е и надминат за 41 отсто, а прогнозите на *ACI дека патничкиот сообраќај на европските аеродроми годинава ќе биде помал за 9% во однос на 2019 година, кај нас се повеќе од надминати. Ние имаме 15 отсто повеќе патници од 2019 година, која што беше најсилната година за авиосообраќајот пред кризата со ковид-19. Ваквиот пораст на бројот на патници е доказ и резултат на нашата посветеност, ангажираност и ориентираност кон резултати и кон нашите клиенти и доброто управување. Драго ни е што гледаме дека порастот на авиосообраќајот продолжува и во 2023 година, а враќањето на довербата на патниците во воздушниот сообраќај, во комбинација со нашата извонредност во квалитетот на аеродромските услуги, очекуваме дека оваа година ќе биде година на достигнување нови пресвртници во бројките и статистиките за авиосообраќајот за двата македонски аеродрома.“ – изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.