Адеми: Македонци, гласајте за уставни измени!

Гласајте за уставни измени за добро на сите семејства, порача координаторот на ДУИ, Арбер Адеми од говорницата дискутирајќи во Собранието. Тој им порача на Македонците дека Албанците секогаш биле и ќе бидат заедно со Македонците низ каков било предизвик.

„Ви гарантирам дека немаме резервна држава, јас сум Албанец и немам друга држава, држете ме за збор. Ги разбираме вашите стравови и резерви подобро од кого било друг, зашто на своја кожа сме почувстувале негирање на етничката припадност и јазик, но сега имаме единствен пат за добро на сите и на држаата, а тоа е патот кон ЕУ“, рече Адеми повикувајќи да се гласа за уставни измени.

Да погледнеме денеска како изгледа булеварот 11 Октомври, овде пред Собранието. Таа слика е најголема потврда дека граѓаните сакаат европска иднина и дека не сакаат поделби. Граѓаните не сакаат конфликти, туку мир и дека не сакаат да бидат со Русија, туку со Америка и ЕУ. Тие сакаат ЕУ и подобар живот, тие се за интеградција, а не за изолација. Сликата на булеварот е најголем пораз на изолациските сили кои ја тероризираат јавноста со непостоечки и измислени стравови, стравови од Албанци, од Срби, од Грците, сега и од Бугарите. Граѓаните спокојно седат дома и чекаат да ја донесеме најважната одлука за нив и за државата, рече на почетокот од дискусијата Арбер Адеми.

„Немаме етничка поделба, туку имаме про Европа и контра Европа. Се наоѓаме пред момент кој е поголем од сите нас. Дискутирам пред вас затоа што мислам дека секој од вас ѝ посакува добро на државата. Имам прилика да соработувам со сите вас и верувам дека сме согласни околу сите стратегиски прашања, меѓу кои е и членството во ЕУ. Но, сепак, имаме еден вид поделба, Собранието се дели на два дела. Предлогот за уставни измени е резултат на компромисот меѓу Македонија и ЕУ и е израз на дипломатска работа. Фактички, тоа е нашиот билет за еден правец, за реализација на стремежот за членство во ЕУ“, рече Адеми и нагласи дека одлуката за евроинтеграцискиот пат е во рацете на пратениците.

Тој додаде дека пратениците ја имаат поддршката од граѓаните да работат во нивен интерес и дека ДУИ, како што нагласи, ја изразува загриженоста дали уставните измени ќе поминат.

Адеми истакна дека ги разбира мотивите за загриженост на дел од граѓаните но додаде дека уверува оти од документите произлегува дека ќе биде зашитен идентитететот на Македонците, нивната етничка, културна и секаква друга посебност и интерес.

„Македонија е достојна да биде член на европското семејство. Јас сум Албанец и знаеме дека секогаш бевме заедно со Македонците низ предизвиците во минатото. И пак ќе бидеме заедно и на тој европски пат. Држете ме за збор, немаме резервна држава. Затоа ве убедувам дека ќе бидеме со вас во секаков предизвик и подобро ве разбираме од кого било друг. На наша кожа искусивме како е да се негира национален и јазичен идентитет. Такво нешто не посакуваме за кого било друг“, рече Адеми.