Адеми: Извештајот на ЕУ за владеењето на правото во делот за Врховниот суд претставува големо охрабрување

Во новиот Извештај на Европската Унија за владеењето на правото активностите на Врховниот суд на Република Северна Македонија се оценети позитивно.

Во Извештајот на Европската Комисија се нотира дека Врховниот суд под покровителство на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, презелa мерки за унапредување на транспарентноста, особено преку активностите на Советот за отворено судство во рамки на Врховниот суд.

Во таа насока се истакнува значењето на Советот за отворено судство, кој под водство на претседателот на Врховниот суд го спроведува акцискиот план кој предвидува подобрување на односите со јавноста меѓу судовите и јавноста.

Од аспект на унапредувањето на транспарентноста, во Извештајот понатаму се потенцира дека Врховниот суд на предлог на претседателката Адеми, утврдил начелен став за објавувањето на неправосилните судски одлуки, кој пониските судови во државата го почитуваат.

Во делот за независноста на судството, во Извештајот се истакнува дека претседателката на Врховниот суд упатила јавни критики и реакции за постоењето на несоодветни влијанија и притисоци во судството и во таа насока се укажува на контроверзноста на постапката која се водеше против претседателката на Врховниот суд пред Судскиот совет.

Исто така, во Извештајот се нотира дека Врховниот суд утврдил начелен став за директна примена на Европската конвенција за заштита на човековите права, а во врска со правото на жалба во контекст на одредбите од Законот за Судскиот совет.

Во Извештајот на Европската Комисија се нотира и јавната реакција на Врховниот суд за континуираното непочитување на законскиот лимит за обезбедување на буџетот за судството што се одразува на независноста на судската власт.

Исто така, во Извештајот се нотира и проблематичноста на измените на Кривичниот законик, за кој Врховниот суд, исто така, имаше јавна реакција.

„Извештајот на Европската Унија за владеењето на правото во делот за Врховниот суд претставува големо охрабрување и мотив да се продолжи со заложбите кои Врховниот суд ги има за унапредување на транспарентноста, независноста, ефикасноста и примената на европските стандарди. Препораките на Европската Унија имаат клучно значење за потребните реформи, особено во поглед на укажувањата на Оценската мисија на Европската Унија, а со цел да се обезбеди целосна независност на судството како основа за владеењето на правото”, истакнува претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми.