Адел најави подолг одмор од музиката
Адел се повлекува од јавноста на одредено време по завршувањето на нејзиното американско музичко шоу „Викенди со Адел“ во Лас Вегас оваа година.
– Воопшто немам никакви планови за нова музика! Сакам поголема пауза после сѐ ова и мислам дека сакам да се занимавам со други креативни работи некое време. Знаете, јас воопшто не пеам дома. Колку е тоа чудно!?, изјави Адел во интервју за германски „ЗДФ“.
Инаку, британската пејачка ги почна „Викендите со Адел“ во ноември 2022., а нејзиниот засега последен настап е закажан за 23 ноември 2024 година.
Таа искрено говореше за своето искуство со славата, признавајќи дека ѝ недостига животот што го имала пред да стане позната.
– Не ми се допаѓа тоа што сум позната. Сакам да правам музика и сакам луѓето да ја прифаќаат, но не ја сакам славата. Ми недостасува животот пред славата, рече Адел.
Инаку, во февруари поп-пејачката мораше да одложи 10 концерти во Лас Вегас поради здравствени проблеми.