Адвокатот на Палевски не знаел за убиствата: Ме замоли да го однесам во Белград на прегледи

Адвокатот на Палевски вели дека не знаел ништо за убиствата. Вели дека Палевески побарал да го однесе во Белград на преглед, бидејќи тој немал возило.

„Ме замоли да го однесам во Белград бидејќи немал возило а не можел да обезбеди нотар да му се преведе возилото. Јас врска немав за оваа работа. Знам дека требаше да оди во Белград, кажуваше дека закажал прегледи. Аако е така, му реков, ќе те однесам. Не знаев за овие работи. Се вратив во Скопје, тој остана затоа што требаше да има преглед другиот ден и рече ако е се во ред ќе се врати назад. Ако не е во ред рече ќе одел во Истанбул. Кога се вратив полицијата правеше претреси, ме прашаа и тогаш им кажав“ вели адвокатот Васко Стојков во изјава за Телма.

Откако разбрал за што е осомничен Палевски, адвокатот Стојков му пратил порака да се врати и да даде исказ, затоа што станува збор за сериозна работа. Дали и каков одговор добил не сакаше да открие, рече дека сѐ кажал во полиција, но од тогаш повеќе нема контакт со Палевски, кому освен што му бил адвокат во одредени случаи биле и пријатели.

Стојков објаснува дека имал добра намера да му помогне и после сѐ се чувствува злоупотребено.