Адвокатот на Ламбе: Очекувам Алабаковски да биде пуштен да се брани од слобода уште пред истек на 8-дневниот притвор

„Во мое присуство, Ламбе Алабаковски пред надлежните органи кажа дека е и државјанин на САД, но не се повика на него, ниту бараше да биде известена американската амбасада во Скопје. Така што немам информација дали во меѓувреме бил посетен од претставник на амбасадата“. Ова за „Пресинг тв“ го изјавил адвокатот Драган Георгиев – правен застапник на пејачот Ламбе Алабаковски.

Тој по одредувањето на осумдневната мерка притвор за Алабаковски поради потпалување на влезната врата на културниот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола рече дека бил посетен од претставник на амбасадата на САД во Скопје.

Двојното државјанство на Алабаковски било основната причина битолскиот Суд да му одреди мерка осумдневен притвор.

Георгиев  вели дека очекува Алабаковски да биде пуштен да се брани од слобода уште пред истекот на осумдневниот притвор.

„Јас очекувам и се надевам, а и работам на тоа. Првично одредениот рок не значи дека и ќе остане, зашто секогаш постои можност тој да биде и продолжен, а до тоа не сакаме да дојде“ – вели Георгиев за „Пресинг тв“.

На прашање дали на Алабаковски може да му се припише говор на омраза, тој смета дека такво нешто не очекува, со оглед дека во случајот станува збор за конкретно дејство и никогаш не изјавил нешто што може да се толкува како говор на омраза.