Адвокатите на Боки 13: Алармантно му се влоши здравјето

Алармантно се влоши здравствената состојба на осуденикот од случајот „Рекет“, Бојан Јовановски – Боки 13, реагираа утрово неговите адвокати преку соопштение до медиумите.

Ова доаѓа откако Јовановски во вторникот (7 март) бил однесен на преглед на Клиниката за гастроентерохепатологија (ГЕХ) каде што, како што тврдат неговите бранители, било предложено да се направи операција за целосно да му се отстрани желудникот.

„Наодот од извршената гастроскопија е рефериран и одобрен од стручниот колегиум на Клиниката за ГЕХ Скопје. Животот на осудениот Бојан Јовановски е ставен во ризик, бидејќи извесно е во секој момент да настане компликација која ќе биде фатална по неговиот живот, па наместо законита постапка, имаме состојба на хазардерско постапување од страна на надлежните органи, а како влог е ставен животот на осудениот Бојан Јовановски!“ – пишува во соопштението од адвокатите.

Тие тврдат дека Основниот кривичен суд Скопје четири месеци нема донесе правосилна одлука по барањето за прекин на извршување на затворската казна.

„Истовремено судот не презема никакви дејствија и не одлучува по жалбената постапка ниту во разумен рок, иако до судот навремено се доставени сите овие медицински докази и од страна на одбраната се преземени сите расположливи средства предвидени со закон, но за жал, негативната тенденција и тортура кон осудениот Бојан Јовановски е поголема од сите реални факти и законски основи за уважување на барањето за прекин на издржување на казна затвор. Воедно ја информираме јавноста дека на ден 01.02.2023 година поднесено е барање за прекин и до директорот на Управата за извршување на санкциите, кој е суверен во својата одлука и не е врзан со одлуката на судот, но и од овој орган нема сè уште одлука“ – посочуваат во соопштението.

Бранителите велат дека однапред предупредиле оти ако нивниот клиент не се лекува и третира согласно специјалистичките извештаи, за што тврдеа дека нема услови во затворот „Идризово“, ќе дојде до крајно непосакувана последица како што е сега – потреба од операција со висок ризик на смртност или настанување траен инвалидитет.

Еден од неговите адвокати, Владимир Туфегџиќ, врз основа на медицинската документација од вторникот, вчера поднел и дополнувања на веќе поднесените барања за прекин на издржувањето на затворската казна.