
Адвокатскиот тим на обвинетата Клементина Левковска, за убиството на ракометарот Денис Тот, денеска во Кривичниот суд-Скопје, побара ослободување на нивната клиентка.
– Обвинетата Клементина Левковска е мала по раст, со мала телесна тежина и мала физична сила. Мораме да имаме конкретен одговор дали Клементина со нејзиниот удар предизвикал смрт на сега покојниот Денис Тот. Можеме да заклучиме дека при томографскиот преглед, не се гледаат никакви повреди на телото на Денис Тот, рече едниот од адвокатите.
Според него, за да биде „исполнето битието на ова кривично дело“ треба силен и убедлив доказ, кој го сторил делото, но еднакво важно и на кој начин е тоа сторено.
– Ваквиот факт е од основна важност, односно непостоењето на силен доказ дека токму обвинетата Клементина ја нанела смртоносната повреда, ја ослободува од одговорност за кривичното дело кое ѝ се става на товар, рече тој.
Доказите на Обвинителството се во прилог на одбраната, изјави адвокатот Иле Танев, бранител на обвинетиот Анџело Ѓоргиевски, во денешните завршни зборови за случајот со убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот. Според него, во овој случај не постои кривично дело „убиство“.
– Дилемата која се наметнува во Судот и во јавноста, а е поврзана со кривичното дело кое се става на товар, е само правна, а не и фактичка состојба, бидејќи од доказите произлегува сосема друга фактичка состојба, која не дава можност на обвинетиот Анџело да му се суди за делото што му се става на товар, рече Танев.
Тој посочи дека сите дејствија на Ѓоргиевски биле во насока на помагање, односно, како што рече „да му се помогне на оштетениот, а не да се повреди или убие“.
– Како што произлегува од доказите, обвинетиот Анџело дејствувал противправно само десетина секунди, само откако излегол од таксито, рече Танев.
Обвинетиот Андреј Костовски не задал удари кон Денис Тот кој биле смртоносни, тврди неговиот адвокат Еленко Миланов. Според него, не постојат удари во глава од обвинетиот, кои според вештаците, биле смртоносни за Тот. Објаснуваше и дека ударот со нога од Андреј кон Тот е од десната страна, што нема никакво значење во однос на можноста да резултира со смрт.
Адвокатот Миланов е дециден дека немало умисла, бидејќи обвинетиот Андреј го извадил од такси возилото Тот и се повлекува.
„Сметам дека тука господа судии завршува моментот за постоење на умисла директна за конкретната правна квалификација па дури и за евентуална умисла која што веројатно се обидува да ја алудира или наметна обвинителството. Сметам дека овој судски совет треба да го ослободи Андреј за правната квалификација сторување на кривично дело убиство. Но, на овој судски совет, со овој опис, останува да во однос на обвинетиот Андреј, може да утврди одговорност и дали тоа би било во насока на помагање или неспречување на нанесување на тесна телесна повреда или ќе утврди одговорност за правна квалификација учество во тепачка во која некое лице го изгубило животот, Андреј прифаќа и не бега од својата вина. Но не и за оваа квалификација (убиство)“, кажа адвокатот Миланов.
Обвинителството ги гони Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски за кривично дело „убиство“ од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик. Согласно обвинителниот акт, обвинетите се товарат дека на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот.
Процесот го води судијката Елена Илиевска Јосифовиќ, а застапник на обвинението е обвинителката Тања Трајчевска.