Адамовиќ е предлог за конзул од амбасадорот во Белград и ги исполнува сите критериуми, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека не сакаат да се вмрежуваат во дневно-политичките настани во соседна Србија иако, како што велат, желбата на СДСМ е огромна за тоа.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска преку писмено соопштение реагира на обвинувањата што портпаролката на СДСМ денеска ги изнесе во врска со прогласувањето на Душан Адамовиќ за почесен македонски конзул во Република Србија.

Во краткото партиско соопштение се вели дека предлогот Адамовиќ да биде конзул во Србија е на амбасадорот во оваа земја. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека тој ги исполнува сите критериуми за дипломат и за негово поставување за конзул.

„Предлогот за конзул на Душан Адамовиќ доаѓа од амбасадорот на Македонија во Белград именуван уште од времето на владата на СДС и ДУИ“, велат од партијата.

Оттаму додаваат дека „партијата на Башановиќ, СДС треба да разбере дека функцонира во Македонија и е опозиција во Македонија“.

Зоран Башановиќ беше советник на поранешниот премиер Зоран Заев, а во тоа време ВМРО-ДПМНЕ како опозиција ја обвинуваше Владата дека плаќа српски мешетари.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека не сакаат да се вмрежуваат во дневно-политичките настани во соседна Србија иако, како што велат, желбата на СДСМ е огромна за тоа.

Реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ доаѓа откако денеска од СДСМ излегоа со низа прашања околу изборот на Душан Адамовиќ за почесен конзул на Република Северна Македонија во Република Србија.

Портпаролката Кузеска прашувајќи кој е Душан Адамовиќ и зошто токму тој е избран за почесен конзул, сподели негови стари објави на платформата Икс.

Портпаролката цитирајќи една објава од Адамовиќ од 2012 година во која тој пишува „Ова е уште еден доказ дека српска Македонија e окупирана“, рече дека е скандал сам по себе.

Таа пренесе и дека во медиумите во Србија биле објавени скандалозни информации за бројни афери кои се поврзуваат со Адамовиќ.