Новата американса амбасадорка Анџела Агелер денеска и и официјално стапи на функцијата откако му ги предаде акредитивните писма на претседателот Стево Пендаровски.
На церемонијата во вила Водно, Агелер, која служеше пред дваесетина години во амбасадата во Скопје, рече дека „имав голема привилегија да служам тука, во оваа прекрасна земја, чијашто култура, луѓе, јазици и историја ги засакав“.
Нагласувајќи ги во своето обраќање промената на името, членството во НАТО, почетокот на преговорите со ЕУ и македонското претседавање со ОБСЕ во 2023, Агелар рече дека Македонија ја зацврстува својата позиција како лидер во градењето на безбедноста и просперитетот на Западен Балкан.
„Иднината е навистина светла, и покрај тоа што земјата се соочува со стари и со нови предизвици. Господине претседателе, денес сум овде да ветам дека нема сами да се соочите со тие предизвици. Соединетите Американски Држави, Амбасадата на САД и јас ќе сториме сè што е во наша моќ да им помогнеме на луѓето во Северна Македонија да успеат да ги прифатат и да ги надминат сите тие предизвици. Ви го давам мојот личен завет дека ќе стоиме рамо до рамо со луѓето на оваа земја, така како што земјата ги остварува своите цели за мир, просперитет, безбедност и независност за сите свои граѓани“ – рече Агелер.
Претседателот Пендаровски во своето обраќање рече самиот факт што Агелер била претходно во Скопје на служба претставува значајна претпоставка за натамошно збогатувањето на билатералните односи.
Пендаровски нагласи дека Македонија ги смета САД за голем пријател, значаен економски партнер и искрен поддржувач во најтешките моменти уште од независноста.
„Неколку години наназад политичкиот дијалог меѓу двете држави постојано се интензивира и се одвива на повеќе нивоа. Посебно задоволство претставува фактот што оваа година го започнавме Стратешкиот дијалог, како прва земја од Западниот Балкан. На тој дијалог гледаме како на заеднички интерес за конкретизирање на нашата соработка во сите сфери од заемен интерес. Подготвени сме за сеопфатно кревање на нивото на односи и уште поголема координација и соработка во сферите на економијата, одбраната, безбедноста, инвестициите, образованието, културата, науката и животната средина“ – рече Пендаровски.