Агелер до Судскиот совет: Имате добри закони, искусни обвинители и судии – дајте отпор на политичките притисоци

Судскиот совет е важно оружје во арсеналот на оружја што ќе биде потребен за вистинско трансформирање на правосудството во Северна Македонија, во една институцијата што им служи на своите граѓани, ќе ги штити невините и ќе ги казнува оние кои сметаат дека се над законот, рече денеска американската амбасадорка во земјава – Ангела Агелер на Конференцијата за напредокот при спроведувањето на препораките од Оценската мисија на Европската Унија од страна на Судскиот совет на РСМ, посочувајќи дека Судскиот совет треба да ги следи препораките на Оценската мисија бидејќи, како што рече, веќе е посочено дека довербата на јавноста во правосудството е шокантно ниска.

– Ќе се согласите дека останува многу пред вас. Извештајот од Оценската мисија на ЕУ е еден вреден патоказ за реструктурирање на Судскиот совет и повторно поставување на неговата улога во рамките на правосудството“, рече таа.

Според Агелер, Судскиот совет треба да го следи законот и да даде отпор на политичките притисоци, зашто, како што посочи таа, државата има добро изработени закони, а има, како што рече, и искусни обвинители и судии, патувале и имале размени со САД.

„Се поставува прашањето како да почнеме да го надополнуваме оној јаз или недостиг на доверба на оние на кои треба да им служиме. Пораката е јасна и не се менува. Работете ја работата што треба да ја работите. Следете го законот, работете за луѓето, дајте отпор на политичките притисоци, заштитете го својот интегритет и прифатете ја транспарентноста. Напорната работа веќе започна и гледаме напредок. Сега дозволете ни да ви помогнеме за да стигнете уште понапред на својот пат“ – вели Агелер.