„Божја помош за мувите и осите да се исчистат и лозјето да даде добар род, но и помош од спасителот Исус Христос и Богородица за лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски”. Вака владиката Агатангел се обрати пред кавадарчани на денешното закројување на лозјата по повод Свети Трифун – Денот на лозарите.
Тој беше со пофални зборови за ВМРО-ДПМНЕ. Ја нарече „најголемата и најсветата партијата“.
„Со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, господинот Мицкоски се она што го дадовме верувам дека ќе го вратиме назад. Првин со него а потоа и со божја помош, јас верувам дека Бог, спасителот наш Исус Христос, мајката божја Богородица која е заштитничка на оваа света македонска земја ќе му помогне него и на сите негови соработници да се она што е наше, свето, македонско, национално, ќе го вратиме назад. И нема да дозволиме некој кој не ја чувствува Македонија емоционално да ја одгледува судбината на нашата македонска земја“ рече владиката Агатангел.
Реакција по неговиот говор имаше министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, кој присуствуваше на настанот во Кавадарци како претставник од Владата.
„Жалам што оваа манифестација се претвори во партиска прослава на ВМРО-ДПМНЕ и што се сведе на еден вулгарен настап. Владиката Агатангел го навреди голем дел од македонското население и ја извалка мантијата под која што е. Господинот Агатангел, ако може да се нарече господин, е срам и штетник за црквата“ рече Милевски.
Мицкоски пак рече дека Владиката мислел на обединување околу македонските интереси.
„Доста се поделби, да се обединиме околу македонските национални интереси. Во таа насока и го коментирам говорот на господинот Агатангел. Не сметам дека неговиот говор беше потпалувачки, мислам дека е достоинствен затоа што ги рефлектира националните интереси и повикува на обединување околу националните интереси“ потенцираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.