И покрај тоа што Советот на Град Скопје в понеделник ќе оддржи вонредна седница на која треба да се гласа за субвенциите од 11 милиони евра на ЈСП, како единствена точка на дневен ред- сепак автобусите од понеделник нема да сообраќаат.
Миќо Стојановски од синдикатот на ЈСП, вели дека единствено не се исклучува можноста да биде пуштена по една линија која би ги однела децата на првиот училишен час од првото полугодие, но тоа ќе биде договорено викендов од страна на раководниот кадар на ЈСП. Покрај возачите ќе штрајкува и администрацијата, а Стојановски посочува дека се што бараат е редовна и загарантирана исплата на платите.
„Во моментов пратејќи ги сите чинители и фактори во градот Скопје, јавен градски превоз во понеделник наутро ќе нема. Советот на Град Скопје е тој што носи одлуки и што си игра со нервите и на вработените во ЈСП и на граѓаните на Град Скопје. Ако на некој советник, градоначалник и политичар му е битно за жителите на Градот Скопје и за сите оние стотици илјади доаѓаат во градот да си заработат парче леб за своите семејства, така и ние сакаме да си однесеме парче леб за своите семејства.“
Трајко Славевски претседателот на Советот за Канал 5 потврди дека седницата е закажана за в понеделник во 11 часот. Вели оваа точка се става на дневен ред по втор пат, откако минатиот пат советниците изразиле резерва за исплаќање на целата сума на претпријатието оддеднаш. Според Славевски доколку сега се исплати целата сума, по краток период тие повторно би добиле барање за субвенции, а со тоа постои опасност до 30% од буџетот на градот да оди за ЈСП Скопје.
„Очекувам да има амандмани од страна на советниците како и претходно да не се обезбедува целокупниот износ сега наеднаш, на некој начин да се даде сигнал на директорот кој го назначува градоначалничката Арсовска дека од нив се очекува професонално да работат, да ги намалат трошоците а не постојано да чукаат на вратата на Совет на Град Скопје за обезбедување средства, сепак тие имаат и сопствени приходи.“
Градоначалничката Арсовска ова го оцени како креирање на непотребна криза која подоцна Советот би ја решавал. Во гостувањето во Само интервју пред два дена, рече дека Советот манипулира со над 1500 вработени, чекајќи да настане тензија и синдикатите да го кренат својот глас, па потоа да биде изгласани нивните барања.
„Јас мојата обврска како градоначалник си ја завршив, буџетот е поминат, средства има, треба само тие средтвата со одлука да ги доделат. Три точки им дадов денеска којшто претходната седница не ги изгласаа, за три јавни претрпријатија за ЈСП затоа што излезе синдикатот сега ќе ја стават на дневен ред и ќе одат и само таа ќе ја гласаат, а останативе две ќе чекаат да има повторно тензии и повторно граѓаниве кои што си работат таму да останат без плата за да креираат нова криза и да ја стават на наредна седница да ја гласаат, што е подигрување со интегеленцијата на луѓето.“
Славевски пак вели дека уште минатата недела Советот бил подготвен да оддржи вонредна седница, но во моментот кога на дневен ред требало да се расправа околу субвенционирањето на ЈСП, ниту градоначалничката, ниту секретарот не биле присутни, па седницата била прекината, а поради празничниот викенд повторно е закажана за в понеделник.