„Австрија нема да ја прифати Украина во ЕУ без Западен Балкан“

„Австрија никогаш нема да и одобри на Украина статус на земја-кандидат за членство во ЕУ на сметка на земјите од Западен Балкан“.

Ова го изјави претседателот на австрискиот Парламент – Волфганг Соботка во интервју за агенцијата „АПА“.

Тој посочи дека за Австрија е важно сите земји од Западен Балкан не само да имаат европска перспектива, туку и да им се покаже начинот на кој можат да влезат во ЕУ. Потсети дека австрискиот канцелар Карл Нехамер јасно ставил до знаење дека нема да има брз пристапен процес за Украина.

Според Соботка, полноправното членство во ЕУ, според предложениот австриски модел, нема да биде тргнато од масата.

„Процесот го водат земји кои сакаат да се приклучат. Ако ги исполнуваат сите услови, тогаш ќе бидат членки. Бугарија и Романија се приклучија по многу краток период и сакаа да решат повеќе прашања, како што е владеењето на правото. Не сакаме ваква ситуација по вторпат“ – објасни тој.

Соботка оцени дека ветото на Бугарија против С. Македонија е неподносливо и дека го нарушува угледот на ЕУ во регионот.