„Факт е дека поголем проблем е имплементацијата на законските и подзаконските акти вклучително и стратегии и акциски планови. Земјата има добра законска рамка, но во пракса не се применуваат начелата и принциите. Делумно тоа се должи на тоа што не е посветено доволно внимание при изработка на плановите“ – вели Дарко Аврамовски, директор на коалицијата „Сите за правично судење“ во најновото издание на Трилинг.
Тој смета дека „очекувано е земјите да и помогнат на државава да се справи со проблемите. Истражниот тим од САД дојде во земјава, а нашите политичари признаа дека навистина имаме проблеми со корупцијата со кои тешко можеме да се справиме“.
„Отсуствува волја, за разлика од капацитетот да се унапредат нештата и затоа меѓународната заедница има поексплицитни изјави, за да се направи притисок земјава длабински да работи на проблемите. Сите големи случаи на организиран криминал се уште траат. Политичарите кај нас само префрлаат одговорност“ вели Аврамовски.
Тој посочи дека „многу е сериозно кога ќе се нафрлат обвинувања за притисоци врз Судскиот совет, а нема докази за тоа. Мислам дека ако постоеја такви индиции, екс претседателката на Судски совет требаше или да обелодени или да поднесе кривична пријава“.
„Треба да бидат загрижени судиите, обвинителите, на толку скандали во судството, ние не може да си дадеме простор за грешки, мора да се постапува сериозно, треба да се вложува екстра труд, за да може некако да се врати довербата на граѓаните во судството. Сакам да се надевам дека ќе почне со зајакнување на чинителите и новата стратегија во правосудството сакам да верувам дека ќе вродат со плод. Сега за сега немаме нешто што укажува дека институциите се спремни да направат драстична промена во својот пристап“ вели Аврамовски.