Авионот со Урсула фон дер Лајен летал за Бугарија со блокиран ГПС, сомнежот е на Русите

„Авионот кружеше над Пловдив повеќе од еден час, по што пилотот одлучи да слета без електронски помагала, потпирајќи се на аналогни мапи. Несомнено, стануваше збор за пречки“, додаде истиот извор.

Авионот со кој претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, вчера попладне леташе за Бугарија останал без ГПС навигација и морал рачно да слета, со помош на хартиени мапи, јави ДПА.

Тројца службеници запознаени со инцидентот изјавија за „Фајненшл тајмс“ дека се сомневаат во руско попречување.

„Целата област околу аеродромот остана без ГПС“, рече еден од службениците.

„Авионот кружеше над Пловдив повеќе од еден час, по што пилотот одлучи да слета без електронски помагала, потпирајќи се на аналогни мапи. Несомнено, стануваше збор за пречки“, додаде истиот извор.

Бугарската служба за контрола на воздушниот сообраќај го потврди инцидентот.

„Од февруари 2022 година, забележавме значително зголемување на случаите на попречување и, во поново време, лажирање на ГПС сигналот. Овие попречувања го нарушуваат точниот прием на сигналот и предизвикуваат оперативни тешкотии за авионите и системите на земја“, се наведува во соопштението на Контролата.

Ваквото ГПС блокирање, познато како блокирање и лажирање, традиционално го користат воените и разузнавачките служби за заштита на чувствителни локации. Но, во последниве години, како што истакнуваат европските влади, Русија ги користи сè почесто и за нарушување на цивилниот живот.

Се предупредува дека зголемувањето на ваквите напади може да предизвика сериозна воздушна несреќа бидејќи на комерцијалните авиони им се „одзема видот“.

Бројот на случаи на ГПС блокирање значително се зголеми во балтичките држави и Источна Европа, особено во областите близу до руските граници.

Фон дер Лајен пристигна во Бугарија од Варшава за да се сретне со премиерот Росен Желјасков и да ја разгледа фабриката за муниција. Целта на турнејата по источната граница на ЕУ беше да се разговара за зајакнување на одбранбената подготвеност на Унијата поради руската агресија врз Украина.

Од почетокот на војната, Бугарија е еден од клучните европски добавувачи на воена опрема за Украина – прво со советско оружје, а сега со модерна артилерија и муниција од домашно производство.

По посетата, претседателката на Европската комисија го напушти Пловдив со истиот авион без никакви проблеми.