Абрамович се збогуваше со Челси
Рускиот милијардер Роман Абрамович безмалку две децении беше на чело на премиерлигашот од Лондон, тимот на Челси и за тој период успеа со „сините“ да освои пет титули во Премиерлигата и два трофеи во Лигата на шампионите.
Абрамович од денеска веќе нема ништо со Челси, се финишираше присилната продажба на клубот на американскиот милијардер, Тод Боли.
Веднаш по официјализацијата на продажбата, Русинот со емотивно писмо се збогуваше со Челси и со неговите навивачи.
„Во изминативе три месеци по објавата на намерата да го продадам Челси, тимот работеше напорно за да го најде вистинскиот сопственик кој би можел успешно да го води клубот во неговото следно поглавје. Сопственоста на овој клуб доаѓа со голема одговорност. Откако дојдов во Челси пред речиси 20 години, од прва рака бев сведок на сите успеси на овој клуб. Мојата цел беше да се осигурам дека следниот сопственик има начин на размислување што ќе овозможи понатамошни успеси на машкиот и на женскиот тим, како и волја и желба да продолжиме да ги развиваме другите клучни аспекти на клубот, како што се Академијата и работата на Фондацијата Челзи. Задоволен сум дека дојде до успешен договор. Додека го предавам Челси на неговите нови сопственици, би сакал да им посакам сѐ најдобро и на теренот и надвор од него. Беше чест да бидам дел од овој клуб и би сакал да им се заблагодарам на сите минати и сегашни играчи, персоналот и секако навивачите на клубот за овие неверојатни години. Горд сум што како резултат на нашите заеднички успеси, милиони луѓе сега ќе имаат корист од новата добротворна фондација која се формира. Ова е наследството што го создадовме заедно. Ви благодарам“ – стои во писмото на Абрамович.