Абрамович го продаде Челси за 4,5 милијарди евра!

Рускиот милијардер Роман Абрамович го продаде англсикиот фудбалски клуб Челси, а новиот сопственик на „сините“ од Лондон е американскиот милијардер Тод Боли, инаку сопственик на бејзбол тимот – ЛА Доџерс.

Боли за оваа инвестиција плати околу 4.5 милијарди евра.

Сепак се уште се чека на потребните дозволи од Премиерлигата и од владата на Велика Британија за финализирање на договорот.

„Челси може да потврди дека е постигнат договор за стекнување на нови сопственици, предводени од Тод Боли, „Клирлејк Капитал“, Марк Валтер и Хансјерг Вис“ – стои во соопштението на фудбалскиот клуб.

Од 4.5 милијарди евра, дури 2 милијарди евра ќе бидат исплатени преку инвестиции во клубот, што било желба на Роман Абрамович, а најголем дел од тие пари ќе одат за реновирање на „Стемфорд бриџ“ но и за нови договори на играчи и тренерот Томас Тухел.

Деталите околу продажбата треба да бидат готови до крајот на месецов.

Инаку, Абрамович цели 19 години е на чело на клубот од Лондон, период за кој Челси освои пет трофеи во Премиерлигата, две титули европски шампиони и една титула светски првак.