Палестинскиот претседател Махмуд Абас изјави дека палестинските власти ќе ги „преиспитаат своите односи“ со Вашингтон, по американското вето во четвртокот за членството на Палестина во ОН.
„Палестинското раководство ќе ги разгледа билатералните односи со САД за да се осигура дека се зачувани интересите на нашиот народ и нашите права“, рече Абас во интервју за палестинската новинска агенција Вафа.
Во четвртокот, за време на гласањето во Советот за безбедност на ОН, САД ставија вето на резолуцијата за полноправно членство на Палестина во ОН.
Нацрт-резолуцијата презентирана од Алжир, која „препорачува на Генералното собрание државата Палестина да биде прифатена како членка на ОН“, доби 12 гласа „за“, еден против и два воздржани.
САД, кои не се двоумат да го искористат правото на вето, особено да го заштитат Израел, не кријат дека се против иницијативата на Палестинците, кои од 2012 година имаат понизок статус на „земја ненабљудувач“ во светската организација.
Американското вето „го разбуди гневот кај Палестинците и народот во регионот, потенцијално туркајќи го регионот кон поголема нестабилност, хаос и тероризам“, предупреди претседателот Абас.
Затоа, палестинската управа ќе „развие нова стратегија“ за да го потврди својот избор „на независен начин и да го следи палестинскиот проект, а не американската визија“, додаде Абас.