Палестина е подготвена за преговори со Израел за конечниот статус во рамките на мировната конференција, изјави денеска палестинскиот претседател Махмуд Абас.
„Државата Палестина формулираше политичка визија и подготви „траекторија“, која беше одобрена од групата од шест арапски држави и претставена на разгледување од САД, Европската унија и членките на Советот за безбедност на ОН. Во нејзината суштина лежи сеопфатно политичко решение кое предвидува крај на израелското присуство во Појасот Газа“, изјави Абас за РИА Новости.
Тој нагласи дека предложеното решение подразбира „почеток на преговори за конечниот статус со израелската страна во рамките на меѓународната мировна конференција во согласност со одредена временска рамка и развој на регионален безбедносен механизам“.
Тој додаде дека во рамките на ова решение, палестинската национална администрација (ПНА) е подготвена да ги извршува своите функции на територијата на Појасот Газа и бара прекин на сите еднострани непријателски дејства на Израел на Западниот брег на реката Јордан и во Ерусалим.