Абазовиќ: Отворен Балкан е направен за шест земји!

Дритан Абазовиќ – новиот премиер на Црна Гора изјави дека се залага за регионалната иницијатива „Отворен Балкан“. Тој за приштински „Клан Косова“ изјави дека „Отворен Балкан“ е осмислен да опфати шест земји од Западен Балкан и оцени дека Косово би имало најголема корист од учеството во иницијативата.

„Отворен Балкан е направен за шест земји, не е направен за пет и пол земји или три и пол земји, туку за шест земји. Секој кој учествува се претставува себеси и својата земја. Мое мислење, можеби грешам, е дека најголем интерес во регионот е Косово да биде во која било регионална иницијатива“ – рече Абазовиќ.

Властите во Приштина и Црна Гора одбија да учествуваат во „Отворен Балкан“, додека во Босна и Херцеговина не беше постигнат консензус за приклучување кон иницијативата, која ги вклучува Србија, Албанија и С. Македонија.

Оваа иницијатива предвидува слободно движење на капитал, стоки, услуги и луѓе меѓу земјите-членки.