Премиерот на Црна Гора во технички мандат, Дритан Абазовиќ, синоќа во Приштина оцени дека договорот меѓу Косово и Србија постигнат во Брисел и Охрид, како што рече, е добар за сите во регионот.
„Постигнувањето договор меѓу Косово и Србија има исклучително добри импликации за сите во регионот. Разбирам дека ова е прашање меѓу две држави и немаме амбиции да влегуваме и да се мешаме, ниту пак зависи од нас“, рече тој во интервју за ТВ Клан Косова.
Тој понатаму рече дека би било многу добро да се постигне конечен договор.
„Како некој кој е навистина пријател, брат, како некој што ги сака, мислам дека би било одлично да се постигне конечен договор. Тоа би било голема придобивка за сите“, продолжи тој.
Зборувајќи за односите со Русија, тој рече дека сите руски дипломати освен амбасадорот се прогласени за персона нон грата.
„Во Црна Гора остана само рускиот амбасадор. Веќе немаме кој да прогласи нонграта (непожелна личност)“, рече тој
Тој оцени дека е презадоволен од успехот што го постигнал во текот на две и пол години на власт и додаде дека е подготвен за уште еден мандат, но се уште е рано да се зборува за тоа. Тој рече дека во исто време е подготвен да оди во опозиција или (политичка) пензија.
Зборувајќи за изборот на Јаков Милатовиќ за претседател на Црна Гора, тој рече дека поразот на Мило Ѓукановиќ е пораз на владата која се карактеризира со „корупција, воени злосторства, извонредно богатство на соработниците и неговото семејство и сиромаштија на народот“.
„Искрено, разликата во гласовите беше неочекувана дури и од моја страна. Бев сигурен во неговиот пораз, но не и оваа разлика, навистина, ниту најголемите оптимисти не ја предвидуваа“, изјави Абазовиќ.
Тој додаде дека геополитичките прашања на Црна Гора нема да се променат, бидејќи според него, тие имаат една цел, а тоа е влез на Црна Гора во Европската унија.
„Не можеме да влеземе во ЕУ ако не ги почитуваме правилата кои важат и за надворешната политика. „Ние сме земја чија надворешна политика е 100 проценти компатибилна со надворешната политика на ЕУ“, рече Абазовиќ.