Иако сме од исто село немам лични контакти со Али Ахмети и со никој друг од ДУИ, изјави денеска Ислам Абази, новиот шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Сепак, кратко потоа по некои портали на албански јазик се појавија негови фотографии од дружби со Невзат Бејта, висок функционер на ДУИ и Дилавер Бектеши, обвинител од Кичево, истакнат член на ДУИ.
„Со Али Ахмети не сме во блиски односи, но сме соселани и се познаваме од родното место Зајас. Не сум сигурен дали сум се среќавал со Ахмети, но и да било така не гледам проблем во дружењето со функционери. Никогаш не сум бил или пак сум член на некоја политичка партија. И во моето досегашно работење не сум оставил впечаток дека имам одредени релации или позиции со одредена политичка партија. Не е проблем дури и да се дружам со некој функционер, доколку тој не е дел од некоја истрага“, изјави денеска Абази за време на неговот прво појавување во јавноста после изборот за шеф на ОЈО ГОКК.