Џиџи Буфон оди во пензија

Џанлуиџи Буфон (45) стави крај на својата играчка кариера.

Трофејниот голман, кој во својата кариера настапуваше за Парма, Јувентус, ПСЖ и за италијанската репрезентација, наводно имал понуда вредна 15 милиони евра да замине во Саудиска Арабија, но ја одбил на крајот и одлучил да ја заврши кариерата.

Минатата сезона Буфон бранеше на 19 натпревари за Парма во Серија Б. Прими 24 гола, а пет меча завршија без погодок во неговата мрежа. Поранешниот светски првак и европски вицешампион со Италија во кариерата одигра 975 натпревари за клубовите и 176 за репрезентацијата.

Со Јувентус беше десеткратен шампион на Италија и трипати финалист во Лигата на шампионите.

Кариерата ја започна во Парма во 1995 година, а потоа се пресели во Јувентус. Тој остана во Јувентус во 2006 година кога клубот испадна во Серија Б, а во летото 2019 година замина во ПСЖ на две сезони. Потоа следеше сезона во Јувентус, пред да се врати во Парма во 2021 година, каде што ја заврши кариерата.