Џафери одлучува за судбината на уставните измени

Џафери одлучува за судбината на уставните измени, објавува Слободен Печат.

Членот на кој се повикува опозицијата е за можноста 20 пратеници да побараат да се свика нова седница, а седницата за уставни измени ќе продолжи кога ќе има услови. Претседателот на Собранието може, но не мора да ја свика и да сме начисто со тоа, рече спикерот Талат Џафери.

Можам, ама не морам. Вака претседателот на Собранието Талат Џафери одговори на барањето на ВМРО-ДПМНЕ, потпишано од 20 пратеници, да ја продолжи седницата за уставните измени, односно да ја стави на гласање потребата од измени на Уставот.

Опозициските пратеници на вчерашната прва пленарна седница по одморите побараа Собранието да расправа и за скандалот на Клиниката за онкологија, а независниот пратеник Скендер Реџепи побара расправа и за одбивањето на средношколци Албанци да бидат запишани во велешката гимназија со што, како што рече, им се ускратува уставното право да се школуваат на мајчин јазик.

Заменик-координаторката на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојановска побара наместо нова седница, Џафери да ја продолжи седницата за уставните измени и со тоа да се стави крај на манипулациите дека има двотретинска поддршка за тие да поминат. Таа изрази сочувство до семејствата на починати од канцер, поради несоодветна терапија, а кои се лекувале на Клиниката за онкологија.

– Почнуваме седница на која нема ниту една точка за овој скандал. Да имавме луѓе со чест и морал, уште во саботата ќе расправавме за оставка на Владата. Да имавме претседател со морал и чест, ќе ни се обратеше. Да имаше доблесни колеги, денеска ќе расправавме за скандалот на Онкологија. Еден од нерешените проблеми е и седницата за уставни измени за која претресот заврши, а претседателот на Собранието ја прекина без никакво образложение. Според Деловникот и волјата на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, барам да се свика продолжение на седницата за уставни измени и да се види кој е „за“ и кој е „против“ уставните измени – рече Стојановска.

Џафери повтори дека членот на кој се повикува опозицијата е за можноста 20 пратеници да побараат да се свика нова седница, но дека претседателот на Собранието нема обврска да ја свика. Продолжение на веќе почната седница е во исклучива надлежност на претседателот на парламентот.

– Седницата за уставни измени ќе продолжи кога ќе има услови. Претседателот на Собранието може, но не мора да свика седница и да сме начисто со тоа – рече Џафери.

Стојановска му одговори дека претседателот на Собранието може да свика седница на барање на Владата, на претседателот на државата и на најмалку 20 пратеници.

– Има посебна глава 10 од Деловникот, која се применува за постапка на измени на Уставот и таму многу добро е споменато дека кога ќе се отвори таква седница, таа треба да заврши најдоцна за 10 дена. Имавме пријавени говорници и истиот ден завршија со расправа и имавте услов да повикате на гласање – рече Стојановска и додаде дека е јасно оти може и до крајот на мандатот Џафери да не ја продолжи седницата.

Претседателот на Собранието рече дека никој не им е виновен оти цитираат погрешни одредби.

– Дебатата трае максимум 10 дена, а не дека седницата завршува десеттиот ден како што е за избор на влада каде што се вели дека мора да се избере тој ден, во толку часот. За да продолжи седницата за уставни измени, ексклузивно право има претседателот на Собранието. Не сум јас виновен што тоа е дискрециско право на спикерот – рече Џафери.