Џафери: И моето дете има право да конкурира и да биде примено на работа

„Јас сум свесен дека моето семејство е на удар на јавноста поради функцијата што ја извршувам. Сензацијата секогаш е поголема кога станува збор за дете на висок функционер. Но, како и сите други, и моето дете има право да ги користи сите права, да конкурира и да биде примен на работа“ изјави денеска спикерот Талат Џафери на средбата со новинари во врска со информациите дека неговиот син е на листата меѓу кандидатите што ја завршија Академијата за судии и јавни обвинители.

Тој се осврна и на предметот што го отвори Антикорупциската комисија во врска со неговиот син, Барлет Џафери.

„Антикорупциската комисија имаше постапка и таа е запрена, односно не можеше да се утврди злоупотреба од страна на син ми. Работата на институциите е друга работа и тоа не не засега ни мене, ни мојот син“, рече Џафери.

Името на Барлет Џафери се појави во јавноста лани кога ДКСК објави дека се здобил со право да полага правосуден испит во 2015 година, иако сè уште не бил дипломиран.

Барлет Џафери беше примен на Академијата за судии и јавни обвинители, која вчера ја објави ранг-листата на кандидати што го положиле испитот. Тоа се идните судии и обвинители, а меѓу нив е и синот на претседателот на Собранието.