Ќучук: Македонија ризикува да заостане зад Албанија

„Без спроведување на потребните реформи, Република Северна Македонија не може реално да ги започне преговорите за влез во ЕУ и ризикува да се одвои од Албанија“ коментира бугарскиот европратеник Илхан Ќучук, кој е копретседател на Алијансата на либералите и демократите за Европа (АЛДЕ) и известувач во Европскиот парламент за Северна Македонија.

„Без промена на Уставот, Република Северна Македонија навистина не може да почне да преговара со ЕУ“, вели тој во интервју за БГНЕС.

Ќучук предупреди дека доколку Скопје не ги направи овие промени во блиска иднина, ќе се одвои од Албанија на патот кон ЕУ. Така, Северна Македонија ќе остане во една група со Србија, Косово, Босна и Херцеговина – земји со сериозни проблеми со своите соседи.

„Од друга страна, тука е и геополитичкиот предизвик, заедно со тоа и можноста Украина да почне да преговара со ЕУ, таа е земја која доби статус на кандидат за членка. Односно, изборот е многу јасен – дали Република Северна Македонија сака да продолжи по својот пат, со реформирање на општествено-социјалните односи, или ќе се приклучи на друга група која нема јасен патоказ во ЕУ“, рече Ќучук.

Според него, во македонскиот парламент нема единство околу целта за влез во ЕУ, туку се игра со стравовите на македонското општество.

„Никој не поставува дополнителни услови (на Скопје). Условите се тие и двете страни се договорија – Бугарија и Република Северна Македонија. Тие ги изгласаа овие услови во бугарското, односно во македонското собрание. Оттука овие договори мора да се исполнат“, вели Ќучук.