Овој четврток со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе го одржи традиционалниот концерт по повод Денот на вљубените, насловен „Љубов, страст-фламенко!“. Диригент е Кристијан Васкез од Венецуела, а како солистка ќе настапи фламенко пејачката Марина Ередија од Шпанија. На програмата се дела од Лорка, де Фаља и Гинастера.
„Оваа година, традиционалниот концерт по повод Денот на вљубените го посветивме на исклучителната шпанска форма на танц, песна, инструментална изведба – неповторливото и секогаш возбудливо ФЛАМЕНКО! Во срцето на шпанското фламенко е т.н. „канте“, односно традиционалната форма на песна инспирирана од животот на Циганите во јужна Шпанија. Оваа форма на песна/пеење е динамичка, застрашувачка, екстатична, но во исто време и спонтана и медитативна. Во музиката има драматични промени на расположенија, динамика и темпо што бараат внимание и емпатија. Станува збор за т.н. „длабока песна“, како што ја нарекол познатиот шпански поет и композитор Федерико Гарсија Лорка“ – велат од Филхармонија.
Родена во Гранада, Марина Ередија пее уште од нејзиното детство. Соработувала со познати шпански фламенко-уметници како Аркангел и Ева Јербабуена, и на уметнички проекти како во операта „De amore“ од Маурицио Сотело, која премиерно беше изведена во престижниот аудиториум „Карл Орф“ во Минхен и во театарот Зарзуела во Мадрид. Марина Ередија беше дел и од новата поставка на „Љубов волшебничка“ на познатата шпанска театарска група „Ла фура дел баус“, која премиерно беше изведена на затворањето на фестивалот во Гранада, под диригентската палка на Мануел Хернандез-Силва. Во 2004 година ја добива наградата „Андалузиската младина за уметноста“, за нејзината улога во промовирањето на андалузиското фламенко во светот. За нејзиниот фламенко-албум со нови класични песни, ја доби наградата за најдобар фламенко-албум.
Кристијан Васкез е еден од најпрофилираните музички таленти од Венецуела, кој гради успешна интернационална кариера. Познат по својата харизма на сцената и по моќните изведби и музичкиот интегритет, Васкез продолжува да го привлекува вниманието на светската јавност како еден од највпечатливите диригенти на денешнината.
Васкез е музички директор и на младинскиот оркестар „Тереса Карено“ од Венецуела, со кој реализирал гостувања и настапи во Лондон, Берлин, Лисабон, Хамбург, Милано, Виена, Амстердам, Салцбург. Неговото прво појавување во Европа беше настапот со Симфонискиот оркестар во Гавле, Шведска, каде што беше назначен за гостин шеф-диригент од 2010 до 2013 година. Како диригент настапувал со Виенскиот радио-симфониски оркестар,
Филхармонијата на Ротердам, Камерата Салцбург, Рускиот државен симфониски оркестар, Токиската филхармонија, Симфонискиот оркестар на Сингапур и други. Во 2010 година дебитира со Израелската филхармонија, на покана од Зубин Мехта. Во изминативе години активно настапува со водечките симфониски оркестри во светот, а му беше асистент диригент и на Густаво Дудамел во поставувањето на новата продукција на Моцартовата опера „Свадбата на Фигаро“ во Париската опера, како и во поставувањето на Вагнеровата „Тристан и Изолда“, на истата оперска сцена. Васкез соработувал со врвни музичари како диригентот Сајмон Ратл, виолинистот Франк Петер Цимерман, трубачот Пачо Флорес, меѓу останатите – и со нашиот најдобар пијанист Симон Трпчески.