ЈО: Во случајот со Финансиската полиција низа пропусти

Двајца јавни обвинители од Јавното обвинителство на Република Севера Македонија, постапувајќи по претставка од Управата за финансиска полиција, во согласност со членот 28 од Законот на јавното обвинителство, извршиле надзор и увид во предмет оформен во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Јавните обвинители изготвиле службена белешка за увидот во постапувањето во предметот и ја доставиле до Јавниот обвинител на Република Северна Македонија.

– При вршењето на надзорот, јавните обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кои постапувале во предметот беа задолжени да изготват информација за наводите во претставката. Меѓутоа, само еден од јавните обвинители постапи по задолжението и ја достави бараната информација. Одбивањето да се даде бараната информација за да се утврдат фактите за постапувањето по конкретниот предмет, го поткрепува сомнежот за недоследности во постапувањето, се вели во соопштението денеска од Jавно обвинителство на Република Северна Македонија.

Со надзорот во предметот е утврдено дека Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција примило анонимна кривична пријава на 3.5.2022 година, а на 18.7.2022 година изготвено е барање за издавање наредба за претрес. Барањето истиот ден е доставено до Основниот кривичен суд Скопје.

Во согласност со утврдената состојба, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија дал укажување до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во кое се наведуваат констатираните неправилности во постапувањето во конкретниот предмет.

– При заведувањето на оформениот предмет нарушена е хоризонталната надлежност и организацијата на Јавното обвинителство. Кривичната пријава се однесува на лица од Управата за финансиска полиција, кои согласно чл.33 ст.2 од Законот за јавното обвинителство имаат полициски овластувања, а по таквите пријави надлежно е да постапува Специјализираното одделение за гонење на кривични дела извршени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција. Според тоа, тројцата јавни обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кои постапувале по овој предмет, а не се дел од Специјализираното одделение, ненадлежно постапувале по кривичната пријава. Јавниот обвинител на Република Северна Македонија укажува дека предметот треба да се заведе во соодветен уписник и согласно распоредот да се додели на јавен обвинител кој е распореден во Специјализираното одделение, се појаснува во соопштението.​