
Шпанија: Протести за домувањето во над 50 градови, откако парламентот отфрли мерки за поголема заштита на станарите
Во Шпанија денеска се протестира во повеќе од 50 шпански градови, еден ден откако парламентот гласаше против две владини уредби со кои требаше да се зајакне заштитата на станарите.
Во Шпанија денеска се протестира во повеќе од 50 шпански градови, еден ден откако парламентот гласаше против две владини уредби со кои требаше да се зајакне заштитата на станарите.
Синдикатот на станари, кој ги координира протестите, ги повика граѓаните да излезат на улиците. „Постои непоправлив јаз меѓу она што го сакаат граѓаните и она за што гласаат партиите“, соопшти синдикатот.
Во Мадрид, демонстрантите ќе тргнат од неколку локации низ градот напладне и ќе се соберат на плоштадот Сибелес во центарот. Активисти веќе околу една недела кампуваат на Пуерта дел Сол, еден од главните туристички плоштади во престолнината.
Гневот беше поттикнат од иселувањето на 87-годишната Марикармен Абаскал, која на носилки беше изнесена од станот во Мадрид во кој живеела околу седум децении. Активистите за домување велат дека имотот го купила инвестициска компанија, која побарала зголемување на нејзината кирија за 275 отсто. По реакциите во јавноста, новите сопственици се согласиле таа да се врати во станот со ниска кирија.
Владата ги подготви мерките како одговор на протестите ширум земјата. Пакетот што беше отфрлен во петокот предвидуваше автоматско продолжување на договорите за закуп по нивното истекување и ограничување на иселувањата на ранливи станари. Мерките беа насочени и кон таканаречените „фондови лешинари“, односно инвестициски компании кои евтино купуваат имоти со цел да остварат поголем профит.
За усвојување на уредбите беа потребни и гласовите на каталонската сепаратистичка партија „Жунтс“, која се спротивстави на мерките со образложение дека не се доволно строги.
Поразот претставува нов удар за социјалистичкиот премиер Педро Санчез и повторно ги отвори прашањата дали неговата малцинска влада ќе успее да опстане до следните редовни парламентарни избори во 2027 година.
Алберто Нуњез Феихо, лидер на конзервативната Народна партија (ПП), главната опозициска сила, по гласањето го повика Санчез „да распише избори што е можно поскоро“. По осум години на власт, тој рече дека премиерот нема поддршка „ниту на улиците, ниту во парламентот“. Последните истражувања на јавното мислење главно покажуваат предност на ПП пред социјалистите.
Домувањето со години е меѓу главните грижи на Шпанците, бидејќи понудата не успева да ја задоволи побарувачката, а трошоците растат, како и во други земји на Европската Унија.
Според податоците на веб-страницата за недвижности „Идеалиста“, просечните кирии во последната деценија речиси се удвоиле, додека бараните цени на домовите се зголемиле за околу 90 отсто.