Група музичари од четири земји, Финска, Германија, Мексико и Македонија, неколку месеци ги забавуваат посетителите на градските пазари во неколку градови во источниот дел на државата. Водач на групата е Влатко Ристов, изведувач на инструментот „ќемане“ од Македонска Каменица, кој за време на нивната посета на градскиот пазар во Делчево, рече дека се работи за ентузијасти кои спонтано се собрале, а цел им е негување на етно музиката од овие краишта.
„Сакаме да ја негуваме македонската музика. Ова се гости Лемпи од Финска, Сантјаго од Мексико и Фин од Германија. Ја сакаме македонската музика, свириме да го развеселиме народот, да донесеме малку позитивна енергија и така“, вели Ристов.
Моментално, македонската етно музика ја промовираат во Кочани, Македонска Каменица и Делчево, а планот им е да направат турнеја низ целата држава.
Мексиканецот Сантијаго се приклучил на групата пред неколку недели, а неговата колешка Лимпи која е и вокал, музицирала неколку месеци додека ги научила етно песните со кои се претставуваат, потенцирајќи дека ѝ се допаѓа земјава, додека Фин од Германија вели дека за него земјава е најубавото место.
Четворицата ентузијасти најавија дека и следната сабота повторно ќе дојдат во Делчево, претставувајќи се со уште повеќе малку познати стари македонски песни кои ги подготвуваат.