Шест месеци Џорџа Мелони: Културни војни и избегнување спорови со ЕУ

Италијанската премиерка Џорџа Мелони го заузда евроскептицизмот во нејзините први шест месеци на власт и ја омекна поранешната запаллива реторика со која дојде на власт како лидер на екстремната десница.

Меѓутоа, додека на меѓународен план проектира стабилност со силна поддршка за Украина по руската инвазија, на внатрешен план води културни војни со инсистирање на националниот идентитет, бранење на традиционалното семејство и спречување на доаѓањето на мигрантите, пишуваат светските медиуми.

Во шесте месеци откако стана на чело на најдесничарската италијанска влада од Втората светска војна, Мелони зборуваше остро кога се во прашање внатрешните прашања, притоа не предизвикувајќи бура на меѓународно ниво, наведува агенцијата Франс прес.

Нејзината партија Браќа на Италија, која има свои корени во повоеното фашистичко движење, ја шокираше Европската унија (ЕУ) кога победи на изборите во септември, по што таа стана премиерка во октомври предводејќи ја коалицијата на антиимигрантската лига на Матео Салвини. и десничарската Форца Италија, со Силвио Берлускони.

За неколку недели, новата влада воведе закони за борба против масовната миграција и, откако вети дека ќе ги заштити традиционалните семејни вредности, им оневозможи на локалните власти да ги регистрираат децата на истополовите парови.

Првата регулатива за мигрантите ги ограничи активностите на хуманитарните организации кои спасуваат мигранти со брод во Средоземното Море, додека подоцна Мелони ја укина специјалната заштита за мигрантите кои не се квалификуваа како бегалци.

Сепак, и покрај овие потези, за кои критичарите велат дека можат да ги загрозат животите и да ги укинат основните права на ранливите луѓе, до сега оваа година на италијанските брегови слетале 35.000 луѓе, што е четири пати повеќе отколку во истиот период во 2021 и 2022 година.

Самопрогласената „христијанска мајка“ ја омекна својата поранешна запалива реторика и се обиде да проектира стабилност на светската сцена, вклучително и покажување силна поддршка за Украина по руската инвазија, истакнува АФП. Иако Браќата на Италија еднаш се залагаа за напуштање на еврозоната, Мелони внимаваше да избегне спорови со ЕУ.

Таа е свесна за потребата од економски кредибилитет и покрај тоа што подели милијарди евра за да им помогне на Италијанците да се справат со зголемената инфлација и даночните намалувања, таа вети дека ќе го намали колосалниот долг и дефицит на Италија.

Италија треба да добие скоро 200 милијарди евра од фондот на ЕУ за закрепнување по пандемијата до 2026 година, во замена за структурни реформи. Последната рата, која требаше да се случи во март, е одложена за понатамошни разговори со Брисел, но Мелони инсистира дека нема причина за загриженост.

Досега поддршката што ја ужива во Италија е стабилна – најновите истражувања покажуваат дека Браќа на Италија имаат 28,6 отсто поддршка од гласачите.