Цените на нафтата паднаа

Цените на нафтата паднаа на меѓународните пазари на 95 долари, под притисокот на сè посилниот американски долар и растот на бројот на новозаразени во Кина, што ги урна надежите за брзо повторно отворање на економијата на најголемиот светски увозник на сирова нафта.

На лондонскиот пазар цената на барелот во попладневното тргување беше 91 цент пониска во однос на претходното затворање, од 95,08 долари. На американскиот пазар барелот се продаваше по 95 центи пониска цена, од 88,01 долари.

„Јакнењето на американскиот долар денес попладне ги притисна цените на нафтениот и другите стокови пазари“, кажа Ворен Патерсон од ИНГ. „Веројатно тука е и елементот што пазарот малку повеќе доби во петокот, по ублажувањето на карантинските мерки во Кина“, оцени тој.

Цените на стоките пораснаа во петокот откако кинеската Национална здравствена комисија ги прилагоди своите мерки за превенција и контрола на ковид со кратење на времето на траење на карантинот за блиските контакти на заболените и патниците кои пристигнуваат.

Но, бројот на нови случаи на ковид-19 порасна во Кина за време на викендот. Пекинг и некои други градови денес известија за рекордни бројки на заболени. Организацијата на земји извознички на нафта ОПЕК во меѓувреме ја намали својата проценка за растот на глобалната побарувачка за нафта во оваа и следната година, а како причина ги наведе економските проблеми.

Освен тоа, американската министерка за финансии Џенет Јелен во петокот изјави дека Индија може да продолжи да купува руска нафта колку сака, вклучувајќи и по цени над механизмот за ограничување на цените наметнат од Г7. Услов е да не користи западни осигурувања, финансии и поморски услуги кои се поврзани со ограничувањата.

Цените на нафтата го притисна и јакнењето на доларот по коментарот на гувернерот на американската централна банка Фед Кристофер Волер, кој вчера соопшти дека Фед ќе размисли за успорување на темпото на зголемување на каматите, но тоа не треба да се сфати како ублажување на неговата посветеност на пониска инфлација.