
Целосно е изгаснат пожарот што попладнево избувна во Скопско, информира за МИА командирот на противпожарната бригада на Град Скопје, Звонко Томески.
Во гаснењето учествувале 14 пожарникари со три противпожарни возила, четири лица од доброволното протовпожарно друштво од Илинден, како и два авиона „ертрактор“ од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
„Интервениравме на отворен простор помеѓу Ајватовци, Грушино и Бучинци откако првично беше запалено стрниште кое се префрлило во површина со деградирана шума која се закануваше поради ветрот да помине и во боровите над Ајватовци“ – изјави командантот на противпожарната бригада на Град Скопје, Звонко Томевски.
Претходно денеска Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека е локализиран и големиот шумски пожар над велешкото село Отовица, кој, исто како и пожарот во Скопско, избувна попладнево.
Пожарот во Велешко зафати поголема површина на борова шума, а во гаснењето интервенираа авиони на ДСЗ, 20-ина пожарникари од ТППЕ Велес, вработени во ЈКП „Дервен“ и месното население.