Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски не се оградува од својот дамнешен претходник, некогашниот лидер на ВМРО Ванчо Михајлов, кој во македонската јавност е перципиран како контроверзен историски лик, негатор на Македонците и соработник и близок пријател на Анте Павелиќ, шеф на фашистичката Независна држава Хрватска од Втората светска војна.
ицкоски јавно инсистира Владата да го затвори клубот во Охрид што го носи името на бугарскиот цар Борис, но не и битолскиот наречен „Иван Михајлов“.
Во телевизиско интервју, на прашање зошто не го споменува Ванчо Михајлов кога бара доследно спроведување на новите измени на Законот за здруженија, туку бара само да се затвори „Цар Борис Трети“, Мицкоски одговори дека двата лика се неспоредливи.
– Михајлов бил предводник на организацијата во одреден историски период. Цар Борис бил прв човек на држава што соработувала со нацистите во Втората светска војна и наредила да бидат испратени 7.200 македонски граѓани со еврејско потекло во концентрациониот логор Треблинка. Има разлика од едниот до другиот – рече Мицкоски во „Само интервју“ на ТВ Канал 5.
Во врска со биографијата на Михајлов, кој е познат како соработник на нацистите, како другар на Павелиќ, како човек што бил во Македонија за време на Војната со наредба од Хитлер да формира независна македонска држава, Мицкоски вели дека Михајлов секако е контроверзен историски лик.
– Ние можеме да зборуваме за многу контроверзии за Иван Михајлов или Ванчо, како вие што го нарекувате, и можеме да зборуваме за неговата биографија која е, да, контроверзна. Јас лично не се согласувам со начинот на кој делувал во периодот во кој делувал. Мене не ми е проблем да зборувам за него и за неговите претходници, но да се задржиме на денешницата – рече Мицкоски.
Тој очекува охридскиот клуб на Бугарите во Македонија да се затвори, односно, како што вели, една добра влада што ја сака својата држава и го почитува својот народ, треба да го забрани.
Во врска со тоа дали СДСМ со измените на Законот за политичките партии, со кои исто како и со измените на Законот за здруженијата се засилува оградувањето од фашизмот, нацизмот итн. практично алудира на фашистичките врски на Михајлов и потребата на денешното ВМРО-ДПМНЕ да се огради од него, Мицкоски вели дека денешните лидери не мора да се согласуваат со начинот на кој делувале претходните.