Харадинај: На Косово му треба политичко единство, а безбедноста на Балканот е најкревка во последните две децении

Рамуш Харадинај – лидерот на Алијанса за иднината на Косово со порака до премиерот Албин Курти дека безбедносната ситуација на Балканот е најкревка во последните повеќе од дваесет години.

„Информациите за безбедноста на Балканот никогаш не биле повознемирувачки во овие повеќе од дваесет години. Косово денес е соочено со големи предизвици кои се однесуваат на неговата иднина. Нормално, најголем предизвик е финалниот договор со Србија, кој по сé изгледа е влезен во својата завршна фаза“ напиша Харадинај на социјалните мрежи.

Тој смета дека државата има потреба од политичко единство, па затоа ѝ нудат сојузништво на актуелната Влада за „во политичката битка со Србија да се одбрани Уставот, интегритетот и суверенитетот на државата“.

„Косово денес повеќе од било кога има потреба од политичко единство, со цел едногласно да го одбрани својот интегритет. Јас и мојата партија, како и пратеничката група на ААК, сме подготвени во секо време и во секоја ситуација да бидеме сојузници на оваа влада и на овој премиер за во политичката битка со Србија да се одбрани Уставот, интегритетот и суверенитетот на државата. Притоа во ниеден момент не смеат да бидат загрозени правата на српското малцинство во Косово“ напиша Харадинај.