Фон дер Лајен: ЕУ да го зголеми производството на муниција и за Украина и за себе

ЕУ може да биде партнер со воената индустрија за да го зголеми производството на муниција за Украина и да ги обнови сопствените резерви, порача денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Во обраќањето во Минхен таа го спореди овој план со она што го направи Унијата за време на пандемијата кога беше неопходно да се произведат огромни количини вакцини против коронавирусот.

– Би можеле да размислиме за големи договори кои ќе им овозможат на одбранбените компании да инвестираат во производствени линии за да го забрзаат производството и да ги зголемат количините што можат да ги испорачаат, рече Фон дер Лајен на безбедносната конференција во Минхен.

Според неа, Унијата не може да чека месеци и години за да ги обнови своите воени резерви или да испрати гранати од голем калибар во Украина.