Учениците од „Ибраим Темо“ со протест пред судот, професорот што претепа ученик доби 8-дневен притвор

Средношколците од струшката гимназија „Ибраим Темо“ денеска ја бојкотираа наставата и со протест пред Основниот суд во Струга изразија незадоволство од одлуката за неодредување мерка притвор за професорот што вчера повреди ученик во училиштето. Протестот, според нив, е за случајот да не се повтори, а професорот да го добие заслуженото, за тие да се чувствуваат безбедно кога одат на училиште.

„Ги браниме нашите права, случајот од вчера да не се повтори пак. Тука сме професорот да го добие тоа што го заслужи, да добие притвор. Ние не се согласуваме да биде пуштен. Судот да му додели притвор. Ние не сакаме да одиме со страв во школо, родителите нема да не пуштаат. Ако професорот е на слобода, ние нема да сме безбедни“ беа пораките на учениците.

Професорот по англиски јазик доби 8-дневен притвор, а против него е поднесена и соодветна кривична пријава.

Полицијата вчера го привела Е.С. (57) професор по англиски јазик во струшката гимназија. Професорот синоќа бил задржан во полициска станица во Охрид, но според информациите, сега е на слобода.

„СВР Охрид денеска поднесе кривична пријава против Е.С. (57) од Струга поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „насилство“. Кривичната пријава е поднесена до ОЈО Струга“ информираат од МВР.

Сето ова е поради тоа што вчера професорот со метален предмет удрил средношколец по главата, а детето било примено на одделението за Хирургија каде било сошиено.