Уставниот суд денеска одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста на Упатството за водење на матични книги во целост и донесе времена мерка со која се забранува изјаснување на етничката припадност, но само во изводите на родени бидејќи за изводите на венчани и умрени примената на ова правило е предвидена да започне од 1 јануари 2024 година. Министерот за правда, Кренар Лога, смета дека времената мерка ќе биде беспредметна и наскоро ќе биде изработен прочистен текст. Тој, одлуката на Уставен ја оцени како „купување време“.
„Уставниот суд оцени дека со донесувањето на Упатството од страна на министерството за правда е направена повреда на член 52 став 2 од Уставот односно не е испочитуван рокот во кој требало да биде објавено Упатството. Тука ќе ја напоменам важноста на овој основ, бидејќи Уставот не приоѓа на роковите како на техничко прашање, туку на прашање кое длабоко навлегува во уставните гаранции на основните слободи и права, со оглед дека е сместено токму во тој дел од Уставот“, изјави портпаролката на Уставниот суд, Христина Беловска.
Она што следува е подготовка на нов реферат што ќе содржи предлог за укинување или поништување на она што е поведено.
Иако на седницата беа искажани различни размислувања, одлуката на Уставниот суд е донесена со пет гласа односно со мнозинство гласови.
„Различните мислења се однесуваа на изјаснувањето на донесителот на актот. Уставниот суд во оваа фаза ќе ги бара тие мислења со оглед на тоа дека ќе се подготвува конечна одлука и ќе се бараат мислења од доносителот на актот“, изјави Беловска.
За тоа дали ќе важат веќе донесените изводи, Беловска вели дека тоа засега не го коментираат но дека ќе се знае кога Уставниот суд ќе ја донесе конечната одлука.
Портпаролката на Уставниот суд информираше исто така дека освен овој предмет за упатството за водење маични книги, има уште два други на кои се работи.
„Во моментот кога тимот што го работеше го изготвија овој предмет и го предадоа на претседателот на Уставниот сауд, потоа пристигна и иницијатива за оценување на упаството од страна на друг подносител, политичката партија Левица, и тој предмет е во работа, а дополнително пристигна и уште една иницијатива со која се оспорува и законот. И по тој предмет се работи. Оформен е и се наоѓа во претходна постапка. Веднаш штом ќе биде изготвен, ќе биде ставен на седница“, информираше Беловска.
Министерот за правда, Кренар Лога, смета дека времената мерка ќе биде беспредметна и наскоро ќе биде изработен прочистен текст. Тој одлуката на Уставен ја оцени како „купување време“.
„За укинувањето сметам дека требаше да биде од формален аспект, а не да се купува време. Јас ја почитувам нивната одука за времена мерка и најавувам дека ќе има нов прочистен текст на упатството кој ќе биде деновиве пуштен за објавување. Со тоа времената мерка ќе биде беспредметна“, рече министерот Лога денеска на прес конференција.
Тој нагласи дека нема да покренува нова иницијатива во врска со други акти и заради процесни забелешки, како Законот за јазици и за Законот за Преспанскиот договор.
Министерот Лога во врска со последните случувања на релација Уставен суд – Министерство за правда и воведувањато на времена мерка и на прашање во врска со наводите дека министерството не го испочитувало рокот за иницијативата и уставниот рок за упатството, рече:
„Стојам на истиот став. Како и во претходните случаи, така и во овој. Уставниот суд треба да се произнесе за сите подзаконски акти, бидјеќи не е почитуван уставниот рок и не треба да поведуваат иницијатива. Тие добиваат Службен весник и не треба да поведуваат иницијатива за да го кажат нивниот став. Од утре, сите подзаконски акти ќе бидат доставени до Уставен суд од моја страна“.
Уставниот суд на крајот на јуни по сопствена иницијатива оформи предмет за оценување на уставноста на Упатството за изменување и дополнување на упатството за водење на матичните книги.