
Уставниот суд информира дека е формиран предмет за измените и дополнувањата на Законот за работните односи, по иницијатива што ја поднесе Хелсиншкиот комитет за човековите права.
Од Уставниот суд издвојуваат дел од наводите во иницијативата:
„Се наведува дека со оспорените членови се напушта нивото на заштита кое го нудат позитивните законски прописи и меѓународните конвенции и е обид да се наметне механизам за заобиколување на веќе поставените правила. Подносителите наведуваат дека се создава опасност од нееднаков третман на работниците и дискриминација од страна на министерот за финансии, кој во согласност со министерот за труд и социјална политика, го пропишува начинот и местото на исплата на работниците кои работат на проекти од стратешко национално значење утврдено со закон“, наведуваат од Уставниот суд.
Дополнително, подносителите навеле и дека членот со кој се предвидува исклучок од траењето на прекувремената работа подолго од 8 часа неделно и 190 часа годишно за работење на проекти од стратешко и национално значење создава правна несигурост и простор за толкување и манипулација со вкупното времетраење на прекувремената работа, без да се утврди горна граница.
Собранието во мај усвои повеќе законски измени со кои ќе им се олесни и забрза работата стратешкиот партнер за изградба на кордорите 8 и 10д, американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, меѓу кои и измените на законот за работни односи со кои се овозможи прекувремена работа. Тоа беше втор обид да се овозможи прекувремена работа на градежниците на автопатите, откако лани во мај Уставниот суд укина една измена на законот со кој работната недела беше утврдена на 60 часа неделно.
Синдикатите остро се спротиставија на втората законска измена и најавија дека и таа ќе ја оспорат на Уставниот суд.
И претседателот Стево Пендаровски најавуваше дека нема да го потпипше указот за измените на Законот за работните односи, но го потпиша со образложение дека текстот на измените не ја содржат формулацијата за 60 работни часа и повика секој што се сомнева во уставноста на некои од усвоените закони за „Бехтел и Енка“, да поднесе иницијатива пред Уставниот суд.