УПОЗ: Владата го раскина колективниот договот за вработените во министерството за земјоделие

Причината за отказот на договорот е констатацијата на Инспекторатот за труд дека преговорите за негово склучување биле незаконски, што за синдикатот е небулозна одлука и преседан во социјалниот дијалог. Оттаму најавија тужби и кривични пријави.

„Министерството за земјоделство, сакајќи да го изигра колективното договарање на овој начин, излезе од системот на плати во републиката, излезе од системот на вработените во јавен сектор и законот за административни службеници и вчера доби од друг државен орган многу убаво писмо кое што вели: Не смеете ништо такво да направите, сите плати мора да бидат во колективен договор. Го информираме министерот за земјоделство дека против него и против други лица ќе бидат поднесени кривични пријави.“-Трпе Деаноски, претседател на УПОЗ.

Од министерството посочуваат дека договорот бил склучен спротивно на законските начела и доколку продолжел да се применува, би предизвикал долгорочни негативни последици и буџетски импликации. Велат дека се во комуникација со синдикатот за изработка на нов текст.

„Страните при утврдување на правата од работен однос наведени во колективниот договор кои што имаат фискални импликации ги утврдиле спротивно на член 7 став (2) од Законот за буџети и член 4 од Законот за за извршување на буџетот на Република Македонија за 2020 година со тоа што буџетските корисници не смеат да преземаат обврски кои пристигнуваат во тековната година или да направат расходи над одобрените средства со Буџетот на Република Македонија.“ – МЗШВ.

Колективниот договор беше склучен во февруари 2021 година и опфаќа околу 1000 вработени. По неговото раскинување, законски смее да биде на сила уште шест месеци.