Уапсен албански државјанин во прилепско, фатен како пали оган на отворено

Полицијата приведе 38-годишен државјанин на Албанија откако бил затекнат како предизвикува пожар на отворен простор во атарот на прилепското село Житоше, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Според полициското соопштение, настанот се случил вчера околу 14:20 часот на местото викано „Коливади“. Лицето со иницијали М.Џ. било затекнато од полициски службеници од одделението во Ропотово како пали сува трева. Огнот бил навремено изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица од Прилеп, со што е спречено негово понатамошно ширење.

Од МВР посочуваат дека за случајот веднаш е известен јавен обвинител, а приведениот е предаден во ОВР Прилеп. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена кривична пријава за „предизвикување на општа опасност“, дело казниво по член 288 од Кривичниот законик.