Турција го одби американското сочувство за жртвите од бомбашкиот напад во Истанбул

Турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, денеска изјави дека земјата не ја прифаќа пораката на сочувство на САД во врска со терористичкиот напад во Истанбул, јави „Дејли Сабах“

Сојлу упати и по малку нејасна порака, осврнувајќи се на изразот на сочувство од Вашингтон.

„Оваа порака на сочувство може да се протолкува и како „убијците секогаш доаѓаат први на местото на злосторот“. Секако дека нема да дадеме јасен одговор на таа порака“, рече министерот.

Вашингтон со години ги поддржуваше сириските Курди во нивната борба против режимот на Башар ал-Асад.

Белата куќа во својата изјава во врска со нападот, во кој загинаа шестмина луѓе, а повредени беа над 80, соопшти дека САД „најостро го осудуваат актот на насилство што се случи во Истанбул“, јавува „Анадолија“.

Турските власти официјално велат дека нападот во преполната туристичка улица „Истиклал“ го извршил сирискиот разгранок на Курдистанската работничка партија (ПКК), која Турција ја смета за терористичка организација.

Полицијата утрово објави снимка од апсењето на осомничена за терористичкиот чин, за која тврдат дека признала оти е членка на ПКК и дека инструкциите за нападот дошле од сирискиот курдски центар Кобане.