Тупанчески: Мора да се стави крај на селективната правда!

„Процесот на филтрација на судиите и отстранување на системските проблеми остануваат високо на агендата на Mинистерството за правда. Мора да се елиминираат долгогодишните практики на неспроведување на законите и да се стави крај на селективната правда“. Ова синоќа во интервју за националниот сервис го изјави министерот за правда Никола Тупанчески.

„Ветингот како процес или филтрацијата може да се направи со постојните капацитети, но и со постојните законски решенија. Единствено треба да се самореактуелизира уште еднаш да се мотивираат капацитетите кои ги имаме кај нас, да бидат на ниво на задачата која ја имаат според закон. Ветинг како посебен процес нема да има, меѓутоа ќе има дефинитивно следење на состојбите и работата на судиите и проверка на нивната работа и сите околности кои имаат комплеменатрен карактер, а се на линија што се нарекува професионална етика и законито и совесно работење“ рече Тупанчески.

Тој нагласи дека ќе ги создаде оптималните услови кои ќе бидат неопходни за реализација на сегментите предвидени во идната стратегијата за реформа на правосудниот сектор.

Според Тупанчески, ќе треба да се направи малку поголемо поместување, во смисла на тоа дека Судскиот совет и Советот на јавни обвинители претставуваат тела кои ќе треба постојано и во континуитет да ја следат работата на судовите и на обвинителствата и најревносно да ја извршуваат својата задача.

Потенцираше дека треба да се покаже и докаже дека во земјава правдата е неселективна и како пример ги наведе последните случувања со сообраќајните деликти.

„Коментарите на обвинителите, судиите, па и општата јавност е дека нешто таму не штима и не е во ред за случувањата со сообраќајните деликти. Сите споменуваат дека проблемот е во законот, а како може да биде проблемот таму, кога законот за тешки сообраќајки со смртни последици предвидува казни од четири до 20 години затвор“ – рече Тупанчески.