Тупанчески вели дека се размислува за законски измени против „затворскиот туризам“

Министерот за правда, Никола Тупанчески, во интервју за Радио Слободна Европа изјави дека во неговиот ресор се размислува за законски измени со што ќе се спречи т.н. „затворски туризам“. Терминот и праксата станаа актуелни во последниве месеци, откако високопрофилни осуденици (Сашо Мијалков и претходно Орце Камчев) почнаа да ја користат законската можност да го менуваат живеалиштето за потоа да служат во друг затвор наместо во Скопје.

Конкретно, и Камчев и Мијалков ја сменија адресата во Охрид за да служат во затворот во Струга, кој е од отворен тип.

И Камчев и Мијалков беа обвинети за кривични дела за кои е запретена долга затворска казна, во предметот познат во јавноста како „Империја“. Но и двајцата успеаја да добијат поволни казни со спогодба. По признанието на вина пред Обвинителството, Мијалков доби три години затвор и се согласи да му биде одземен имот во вредност од 30 милиони евра.