Министерството за одбрана и Владата се двете најтранспарентни институции, според Индексот на транспарентност, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации за 2023 година.
Според истражувањето, двете институции имаат по максимални 100 отсто отвореност кон граѓаните и ги објавиле сите предвидени значајни информации.
Просечната активна транспарентност на министерствата, Владата и општините за оваа година изнесува 76 отсто, што е за само три процентни поени подобрување од лани.
„И двете институции кога првпат го објавивме истражувањето имаа ниска транспарентност, но со текот на годините, нивните тимови се јавуваа и се интересираа што треба да објават и сега објавуваат се што треба, вели Герман Филков, Центар за граѓански комуникации.
Најтранспарентни општини според истражувањето пак се Велес, Гевгелија и Берово, додека пак на дното се Зелениково, Лозово и Арачиново. Според Филков, општините во земјава се соочуваат со сериозни предизвици во врска со нивната транспарентност.
„Овие општини не објавуваат многу од информациите што треба да ги објават според законот за слободен пристап. Станува збор за информации за нивните надлежности, информации за финансиите – буџет, јавни набавки, даноци. Биографија на градоначалникот, имиња и телефони на вработените и кој за што е надлежен“,вели Герман Филков, Центар за граѓански комуникации.
Истражувањето открива дека најмалку информации и општините и министерствата објавуваат за финансиите, а влошена е и состојбата со одговорите на барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер. Па така, општините одговориле во просек за 16 дена, додека пак министерствата за 19.