Сунак: Путин требаше да се соочи со светските лидери на самитот на Г-20

Британскиот премиер, Риши Сунак денеска на отворањето на самитот на Г-20 на Бали изјави дека рускиот претседател Владимир Путин требало да биде подготвен да се соочи со светските лидери на самитот поради војната во Украина.

На отворањето на самитот, на кој присуствуваше и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, Сунак ја осуди руската инвазија на Украина и нападите врз цивили, предупредувајќи ги светските лидери на заканата за меѓународниот поредок, пишува Гардијан.

Сунак истакна дека е очигледно оти Путин не се чувствува способен да се приклучи на самитот, а доколку дојдеше, вели тој, можеше да почне да ги решава проблемите поврзани со војната во Украина.

– Еден човек има моќ да го промени сето ова – рече Сунак на самитот, на кој зборуваше и украинскиот претседател Володимир Зеленски, објави британскиот весник.