Студентски марш пред Влада,се бара зголемување на студентскиот оброк од 120 на 160 денари

Универзитетските собранија при УКИМ и движењето Студентски Отпор ги надминаа разликите и решија на меѓународниот ден на студентите, заеднички да ги претстават барањата за подобар студентски стандард. Нема да протестираат, туку ќе маршираат.

Очекуваат во најбрз можен рок надлежните да ги решат нивните проблеми, а првично да се прифатат амандманите за субвенционирање на оброкот, од 120 на 160 денари.

-Во првичниот спорен закон се предвидуваше 140 денари дневно и би прашал зошто сега не ги добиваме ни тие првични 140 денари, исто така за студентските домови се предлага формирање на работни групи, а знаеме дека секогаш кога сакаме да се „заташка“ работата во државата се формираат работни групи, односно 30 години наназад една иста слика.- Михаил Пејковски – Студентски отпор.

Освен за оброкот, студентите бараат подобрување на условите за живот во домовите, од кои дел се во очајна состојба, поголеми стипендии и да не се штеди на нивен грб со антикризните мерки. Од Универзитетското собрание при УКИМ очекуваат дела од надлежните, а не само зборови.

-Како што може да забележиме, гласот на студентите се слуша, но би констатирал дека тоа не е доволно, и дека уште поактивно ќе ги бараме нашите права, заради тоа што очигледно е дека тие за многу брзо време вродуваат со плод, бидејќи на крајот на денот, на никој не му оди во прилог да оди против студентите. Михаил Пејковски – Студентски отпор.

Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири вели дека се работи на подобрување на студентскиот стандард, бидејќи, се авангарда на позтивините промени, и затоа според него, во нив се инвестира преку системски решенија, мерки и активности.