
Околу 70 странски македонисти и слависти од 18 држави, утре доаѓаат во Охрид – на 56. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ). Значајно е што Школата ќе се одржи со семинаристи од речиси сите страни на светот, при што нивниот број е најголем последниве години. За Школата која ќе трае до крајот на август, предвидена е програма која покрај лекторската настава и предавања, вклучува и низа настани кои имаат за цел на странските македонисти да им овозможат и нови видици за македонскиот јазик, литература и култура.
Според програмата што ја објави МСМЈЛК при УКИМ, по пристигнувањето на странските македонисти и слависти во Охрид на 17 август и по отпочнувањето со лекторската настава, на 18 август, со почеток во 12 часот, во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид ќе се одржи свеченото отворање на овој стожерен настан за македонистиката и нејзината афирмација во светот. На отворањето, свечено обраќање ќе има ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, а пригодно обраќање ќе има директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска. Традицинално, на отворањето ќе биде промовиран и зборникот од предавања од претходната летна школа на МСМЈЛК при УКИМ, а промотор ќе биде проф. д-р Гордана Алексова, долгогодишна лекторка на школите на Семинарот.
Следниот ден, првото предавање на Школата ќе биде во чест на јубилејот 100 години од раѓањето на Ацо Шопов, а ќе го одржи проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска, осврнувајќи се на севкупниот поетски профил на великанот на македонската литература и култура. Во рамките на посетата на манастирскиот комплекс „Св. Наум“, предвидено е и предавање за современите преводи на Светото писмо на македонски јазик, кое ќе го одржи проф. д-р Ѓоко Ѓорѓески.
Следната работна недела ќе започне со предавање на доц. д-р Бобан Карапејовски, за категоријата определеност во македонскиот јазик и нејзините показатели. Странските македонисти ќе имаат можност да проследат и предавање за фигурата на змејот во македонската народна поезија, од проф. д-р Трајче Стамески. Со предавање ќе биде одбележан и јубилејот 120 години од Илинденското востание, проф. д-р Ана Стојаноска ќе говори за феноменот Илинден во македонската драма и театар.
Странските македонисти ќе имаат можност и подетално да се запознаат со достапните дигитални ресурси за македонкиот јазик, преку предавање на проф. д-р Николче Мицкоски. На оваа Школа, одделна тема ќе биде и македонскиот јазик во медиумите, преку предавањето „(Макро)синтаксичките карактеристики на говорениот македонски јазик во медиумите“ од доц. д-р Бојан Петревски.
Јубилејот 120 години од објавувањето на капиталното дело на Крсте Мисирков, „За македонцките работи“ќе биде одбележан со предавање на проф. д-р Елена Јованова-Грујовска и проф. д-р Лидија Тантуровска, а на ова се надоврзуваат и предавањата на проф. д-р Борче Арсов под наслов „Од Божигропски до Мисирков. Од стилизација до стандардизација на македонскиот јазик“ и на проф. д-р Славчо Ковилоски, кој ќе се осврне на книжевно-историските осврти за Мисирков како предвесник на новата епоха.
Кон завршницата на Школата е предвидено и предавање на проф. д-р Дарин Ангеловски за митот на Антигона во современата македонска драма.